Тоа што не поврзува е заедничката иднина на нашите граѓани, на регионот и на светот. Тоа што не поврзува е потребата за стабилност, сигурност и безбедност, а со тоа и економски придобивки, за нашите граѓани и нашите држави, истакнал премиерот Зоран Заев во Мостар каде што попладнево отпатува за традиционалната манифестација „Mostar Peace Connection“.
Како што информира владината прес-служба, пред почетокот на настанот македонскиот премиер неформално разговарал со домаќините, претставници од Центарот за мир и мултиетничка соработка, претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ, грчкиот премиер Алексис Ципрас и со црногорскиот премиер Душко Марковиќ. Со нив Заев положил цвеќе во реката Неретва, во знак на мир и пиетет кон жртвите од сите војни.
Во изјава за медиумите го истакнал храброто лидерство на сите премиери од регионот кои на темелите од минатото градат иднина. Притоа, како што соопшти владината прес-служба, Заев им ја честитал на Ципрас и Марковиќ добиената награда „Мостарска повелба на мирот“, чиј лауреат беше и тој минатата година.
– Ја добив наградата лани и знам колку е таа вредна и што значи, значи чест, но и одговороност за доверената верба од организаторот, Центарот за мир и мултиетничка соработка и граѓаните и лидерите од Босна и Херцеговина, регионот и пошироко. Пораката што ја испраќаме со присуството на оваа величествена манифестација што го слави мирот е силна. Промовираме како еден лидер може, треба и мора да се издигне над предрасудите, и самиот да стане мост, поврзувајќи се со други лидери кои им мислат добро на своите граѓани, истакнал Заев.
Додал дека никој не успеал сам и дека тие, како лидери од регионот, се поврзале меѓусебно, покажале достоинствена почит едни за други, свртиле грб на она што разделува и го дофатиле она што поврзува. Напредокот на Република Македонија, која денес има покана за почеток на пристапни преговори со НАТО и датум за почеток на преговори за членство во ЕУ во јуни 2019 година е значаен пример, според премиерот како низ соработка, меѓусебно поврзување и почитување, за само една година може да се постигне пресвртен успех.