Заев во Брисел на трибина „Македонија по шарената револуција“

by fokus

Премиерот Зоран Заев престојува во дводневна работна посета на Брисел, каде, како што е најавено, денеска ќе се сретне со претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер, со претседателот на Европскиот парламент Антонио Тајани, со високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и со еврокомесарот за соседска политика и проширување Јоханес Хан.

– Со претседателот на Европскиот парламент Антонио Тајани, претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер и еврокомесарите Федерика Могерини и Јоханес Хан уште еднаш ќе ги потврдиме нашите партнерски односи на патот на исполнување на стратешката цел Република Македонија да стане членка на ЕУ, напиша премиерот Зоран Заев на својот фејсбук профил.

На трибината „Македонија и регионот на Западен Балкан на патот кон членството во Европската Унија“ што ја организира Центарот за европски политички студии (CEPS), тој порачал дека е во Брисел за да ја убеди Европската комисија да донесе одлука за отпочнување на преговори со Македонија во првата половина од 2018 година.

За време на неговиот престој во Брисел, Заев ќе учествува и на трибината „Македонија по шарената револуција: Нови можности за успешно пристапување во ЕУ“, во организација на Фондацијата Фридрих Еберт.

Во делегацијата што ја предводи премиерот Заев се и вицепремиерот Бујар Османи, министерот за надворешни работи Никола Димитров, министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски и генералниот секретар на Владата Драги Рашковски.

Поврзани новости