Заев во Битола: Испишавме историја, македонско знаме се вееше со знамињата на НАТО

by Fokus 19:43
19:43

Испишавме историја и беше задоволство да се седи на иста маса со лидерите на најмоќните држави, членки на НАТО, затоа што заслуживме, истакна претседателот на СДСМ Зоран Заев на граѓанската трибина „На прав пат” во Битола.

Нема посериозна потврда, рече лидерот на СДСМ Заев дека сме на прав пат, стануваме 30 држава членка на Алијансата и остваривме една од двете најголеми стратешки цели на државата и на цели генерации.

– Светот е свесен што направивме, направивме големи демократски и европски исчекори во нашата земја. Повеќе не сме скарани со никој, а бевме скарани со петте соседи, порано цел свет ни беше виновен, но ние денес градиме пријателства со сите соседи, денес си помагаме со сите, соработката што ја воспоставивме со сите ги дава првите економски резултати. Покажавме како е да се биде вистински демократ, како е кога се овозможува слободна дебата и слободен говор за секое прашање, како се почитуваат европските вредности, како низ пријателство, со дијалог и дипломатија се решаваат тридецениски проблеми. Тоа што го направивме е наш прилог во светските вредности за кои што се бориме, истакна Заев на трибината во Битола.

- Advertising -

Заев истакна дека за успехот во Лондон честитале многумина, но, како што рече, само лидерот на ВМРО- ДПМНЕ Мицкоски нити се израдувал, нити честитал за успехот во НАТО.

– Само Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не смогнаа сила да го честитаат успехот во Лондон, во НАТО. Еден за сите – сите за еден е мотото на НАТО, тоа сакавме да го направиме и дома, да се обединиме, да бидеме заедно, да се приклучи и ВМРО-ДПМНЕ, ама тие не сакаа, затоа што нивната цел е само гола власт, порача Заев.

Пред битолчани премиерот потсети на успесите на македонската Влада постигнати во овие 2,5 години откако СДСМ и коалициските партнери се на власт, инвестициите и зголемените плати и пензии, подобрените услови во здравството и земјоделството, образованието и општините кои континуирано се помагаат.

– Отворивме 54.300 нови конкретни работни места и ја намаливме бројката на невработеност. Парите од буџетот повеќе не одат во споменици или жални врби, ние ги вложуваме во жив човек, тие одат во народот, инвестираме во човечкиот капитал затоа што знаеме дека ако народот има повеќе пари тогаш помоќна ќе ни биде и државата, граѓаните со повеќе пари полесно ги решаваат домашните проблеми, полесно го организираат својот живот и затоа водиме чесни и искрени левичарски политики со кои што се гордееме, тоа е правиот пат, и од тој пат не се откажуваме, истакна Заев. Додаде дека овие политики се предност на СДСМ и затоа очекува поддршка и нов чист мандат на парламентарните избори за, како што рече, да може во секое семејство секој да живее и старее покрај децата и внуците, во богата и перспективна држава.

На трибината „На прав пат” во Битола обраќање имаа и Билјана Јовановска, претседателка на партијата ПЕП21, Николче Бабовски, претседател на партијата на Власите, градоначалничката на Битола Наташа Петровска и Наумче Мојсовски, претседател на партиската комсијата за спорт.

Поврзани новости