Лидерот на СДСМ и премиер, Зоран Заев еден час по полноќ излезе на прес – конференција и вети победа во мнозинството општини односно освојување на повеќе градоначалнички места отколку ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг од локалните избори.
Според него, СДСМ влегува во втор круг во 36 општини плус Градот Скопје и во повеќето општини воделе токму кандиатите на оваа партија. Тој ги повтори општините во кои победиле во прв круг или водат, во Струмица, Крива Паланка, Карпош, Центар, Кочани, Делчево, Крушево, Ресен, Дојран, Македонска Каменица, Град Скопје…
-Главата горе, на крајот СДСМ ќе имаат повеќе градоначалници во повеќе општини во споредба со ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, рече Заев.
Тој се надева на гласовите на коалиционите партнери, односно на гласовите од граѓаните кои гласале за кандидати за градоначалници од тие партии кои не влегоа во втор круг, ДУИ, ЛДП, ДОМ, Бошњачкиот сојуз., Турска демократска партија…
Според него, СДСМ освоиле сериозен број на гласови и како главен проблем за помалку освоените општини го гледа тоа што како демократска партија, со коалициските партнери настапиле необединето, со паралелни листи, но верува дека овие гласови ќе се обединат во вториот круг.
-Борбата продолжува, злото се заканува, порача Заев и ги повика граѓаните да излезат да гласаат во вториот круг. Тој се надева на сигурна победа на СДСМ и на Куманово, бидејќи оваа партија победува во градот веќе 30 години.
Вели дека вториот круг ќе го одреди правецот кон ќе се движи политичката сцена, но сепак е убеден дека СДСМ ќе ја задржи доминацијата во повеќе општини.