Навистина, овие се многу поразлични избори од кои било други, но не се помалку важни. Многу се важни заради тоа што со резултатот од овие избори ќе знаеме на која позиција, како ќе успееме за следните четири години и секако каков ќе биде животот на граѓаните во следните четири години. Верувам дека со нашата позитивна и промотивна кампања успеавме да ги осигураме и да ги убедиме граѓаните дека коалицијата предводена од СДСМ, коалицијата „Можеме“, е таа која ја очекува најголемата поддршка, рече лидерот на СДСМ и носител на кандидатската листа во изборната единица број 4, Зоран Заев, кој заедно со сопругата Зорица денеска гласаа на избирачкото место 1730 во Струмица.
Според него, државните институции покажале капацитет да се организираат вакви специфични избори со почитување на сите здравствени протоколи, кои треба да им овозможат на граѓаните да излезат и да го дадат својот глас и определба за да може да се продолжи напред по патот, по кој треба да чекорат граѓаните и земјата. Додаде дека е голема чест и одговорност предавањето на гласот од граѓаните за следниот период.
-Верувам дека таа чест и одговорност ќе ја употребиме максимално во интерес на граѓаните заради тоа што со таквата одлука зависи кој ќе води грижа за здравјетот на граѓаните, кој ќе ги отвора и затвора поглавјата со Европската Унија, но уште поважно е кој ќе се грижи за економскиот раст и развој на сите граѓани во Република Северна Македонија. Јас сум убеден дека таа чест и одговорност, како една посебна во времето во кое живееме е неповторлива шанса, зашто ни се отворени сите патишта пред земјата наша, дека ќе успееме да ја искористиме за добробит на сите граѓани, потенцираше Заев.
На новинарско прашање дали очекува разлика во излезноста поради пандемијата, претседателот на СДСМ одговори дека очекува многу мал процент на намалување.
-Верувам дека дадовме сериозен придонес во осигурувањето за безбедноста при гласањето. Граѓаните веќе тоа го докажуваат, еве јас гласам во 10:30 часот и процентот наутро е одличен и верувам дека таквиот процент ќе продолжи, заради тоа што тоа го дава конечниот идентитет и кредибилитет и на парламентот и на идната македонска влада. Јас сум убеден дека граѓаните излегувајќи ја чувствуваат и својата одговорност како граѓани за да можат да го определат патот, правецот по кој што ќе продолжи да се движи нашата земја. Патот е тој-правиот пат, исправниот пат и верувам дека ќе се задржиме до него, одговори Заев новинарско прашање по гласањето на избирачкото место во Струмица.