Лидерот на СДСМ Зоран Заев смета дека тоа што Уставниот суд не закажува седница за оценување на уставноста на Специјалното јавно обвинителство е всушност добро решение и дека тоа треба да се направи веднаш по изборите.
-Знаејќи дека еве денеска сме 27-ми, до 12-ти октомври работи Парламентот, нема закажано седница на Уставниот суд, каде што ќе се разгледува ваквата иницијатива, за мене тоа значи испратена порака од Уставниот суд дека тие немаат намера до изборите да ја разгледуваат иницијативата за уставноста на Уставниот суд, што е добро решение, заради тоа што ако има нешто неуставно од законот, или нешто коешто Уставниот суд треба да го разгледува, чесно е тоа да се случи веднаш по изборите, заради тоа што удар врз Специјалното Јавно Обвинителство, е сериозно застрашување за сите во Македонија, граѓаните ќе реагираат и верувам дека никој тоа не може да го контролира-рече Заев, одговарајќи на новинарско прашање при посетата на Кавадарци.
Опозицискиот лидер порача и дека верува оти на 11-ти демември ќе има фер и демократски избори и дека набрзо после тоа ќе следат промени во државата.
-Во тоа име уште еднаш испраќам порака, да не се дрзне под политички притисок било кој, а така и Уставниот суд да го укинува Специјалното Јавно Обвинителство. Тоа е трошката надеж за враќање на правдата во Македонија – додаде Заев.