Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски денеска и постави ултиматум на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, откако таа по неколкудневен притисок од владејачкото мнозинство одлучи повеќе да не се појавува на комисиска расправа за Извештајот на СЈО во Собранието.
Димовски и порача на Јанева дека ВМРО-ДПМНЕ нема да ги прифати нејзините барања се дури не се извини и не ја повлече изјавата дека Собрание е нелегитимно, и се дури не се врати на комисиска расправа и не достави целосен финансиски извештај за работењето.
– Ние како пратеничка група инсистираме Јанева да се врати на комисијата затоа што тоа е нејзина одговорност. Исто така, инсистираме да поднесе комплетен и сеопфатен извештај, во кој ќе каже каде се потрошени 60 милиони денари и да се извини и да ја повлече изјавата дека Собранието и пратениците се нелегитимни. Ако не постапи така, ние нема да прифатиме разгледување на какви било барања од СЈО – рече Димовски.
На прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ ќе ги прифи барањата на Јанева доколку се извини, Димовски вели дека дел од барањата на СЈО се неуставни и надвор од она што е договорено при формирањето на Обвинителството.
Инаку, Јанева во неколку наврати апелираше Собранието да прифати измени во Законот за заштита на сведоци и Законот за приватност, да се продолжи мандатот на СЈО и да се почитуваат препораките на Венецијанската комисија.
Специјалната јавна обвинителка вчера обвини дека некои пратеници и вршат класичен мобинг и дека нема веќе да доаѓа на комисија, туку директно на пленарна седница. И покрај овој став на специјалната обвинителка, нова комисија е закажана за утре.