Заев целосно ја укинува позицијата на Шекеринска во СДСМ

by Фокус

Лидерот на СДСМ Зоран Заев планира да ја укине позицијата заменик-претседател на партијата, која беше воведена после внатрепартиските промени во 2013 година и оттогаш ја извршува Радмила Шекеринска, дознава Фокус од високи партиски извори.

Според нив, Заев веќе одамна решил ваквата измена да ја реализира со промена на статутот на претстојниот партиски Конгрес, на кој треба да се избере и нов Централен одбор, кој потоа ќе избере и ново партиско раководство.

Иако последните статутарни измени оставаат можност за избор на најмногу 4 потпретседатели, најавите одат во насока дека ќе бидат избрани тројца потпретседатели, при што секој бил со одредени специфични задолженија.

Неофицијално, при изборот ќе се внимава на принципите да се задржи одреден контиунитет, но и да се испочитуваат аспектите на соодветна родова и етничка застапеност, што значи меѓу потпретседателите треба да има жена и Албанец.

Засега, како најсериозни кандидати за овие места се споменуваат Оливер Спасовски, Мила Царовска, Мухамед Зеќири, Венко Филипче, но не се исклучува можноста за номинирање на целосно нов лик, кој досега не бил активно вклучен во политичкиот живот.

Откако доби поддршка на првите внатрепартиски избори, Заев најави промени во партијата, вклучително и промени од кадровски карактер, кои би значеле факторизација на многу нови и млади лица.

Во меѓувреме, Шекеринска изјави дека се повлекува од заменичкото претседателско место во СДСМ, но нема информации дали би останала во партиското раководство како потпретседател или член на Извршниот одбор.

И Заев и Шекеринска истакнаа дека не станало збор дека таа да стане македонски амбасадор во Вашингтон, но добро упатени извори тврдат дека таква можност била разговарана уште пред изборот на старо-новата влада.

Доколку тоа се случеше, велат нашите соговорници, нов министер за одбрана требало да стане актуелниот вицепремиер за антикорупција Љупчо Николовски.

Влатко Стојановски

Поврзани новости