Три од седум позиции во преговарачкиот процес се веќе отклонети, изјави премеирот Зоран Заев, по вчерашната седумчасовна средба меѓу шефовите на македонската и на грчката дипломатија. Тоа според него практично значи дека речиси половина од точките по кои се преговара се затворени.
-Вчера почна преговарачкиот процес, а до сега двете страни ги презентираа позициите. Имаше образложување на суштината на позициите на двете страни со обид за меѓусебно разбирање. Важно е да се гради доверба во функција на решавање на проблемот. Драго ми е што се разглобени сите прашања, ако тргнеме од седум позиции кои беа појдовни точки тоа е веќе намалено на четри позиции. Три се отклонети. Со политиката на новата Влада многу брзо ќе можат да се отклонат и другите позиции. Уште еднаш да потенцирам, Република Македонија сака решение, се обидуваме да градиме внатрешен консензус и оптимисти сме во изнаоѓање на решение – изјави денеска Заев.
Премиерот останува на ставот дека нема потреба од интервенции во Уставот и дека добро се знае до каде може да се направат отстапки. Според Заев, доколку се најде решение граѓаните ќе го имаат последниот збор, преку референдум.