Апсурдно однесување на социјалните служби: Забрануваат девојче да ги одржи врските со семејство кај кое живеела седум години

by fokus

Веќе три месеци семејството Арсови од Делчево не го виделе 11 годишното девојче за кое се грижеле седум и пол години. Социјалните служби, при Министерството за труд и социјална политика, одлучиле да ги прекинат сите врски меѓу нив. Службениците донеле одлука да ја одалечат од единственото семејство кое го има, затоа што сметале дека тоа е во нејзин интерес.

Љубен Арсов и неговата сопруга биле првото семејство во Делчево кое згрижило дете без родителска грижа. Пред седум и пол години ги отвориле вратите за тогаш три годишното девојче, која набрзо потоа станала дел од нивната фамилија. Пред осум месеци неговата сопруга загинува во сообраќајна несреќа, со што на Арсови им се одзема правото да згрижуваат деца.

Девојчето се извлекува од нивниот дом и во август се носи во установа за деца во Берово. Од тогаш до ноември Арсови се виделе со неа само четири пати, социјалните служби не им дозволиле да ја видат ниту за нејзиниот роденден на 25-ти јануари.

-Татко ми и однесе торта и подароци спремени од другарчињата со кои учеше. Замина за Берово, но стигна само до дворот установата. Вработените му рекле дека им било наредено од старателката во Делчево да не не пушта да ја видиме и дека не смееле да примаат подароци од нас. Татко ми си ги врати подароците, а тортата му паднала по пат – вели синот на Љубен, Зоран Арсов.

Освен што им забраниле да ја посетуваат, социјалните служби ги прекинале и сите телефонски контакти меѓу девојчето и семејството Арсови.

-Ова е самоволие, не постои закон што ме спречува да видам или да посетам некој кој го сакам. Ја чував и ја гледав осум години и сега не смеам да ја видам, да ја посетам и да комуницирам со неа по телефон. Од Делчево и ставав пари на телефонот колку да се слушаме, но сега не може ниту со другарчињата да контактира – вели Љубен Арсов.

Девојчето им е одземено на нејзините биолошки родители поради родителска негрижа. Како дошла во домот на Арсови била со лесна ментална попреченост.

-Кога го добивме беше со лесна попреченост, плаќавме дома да ни дојдат логопеди и дефектолози за да работат со неа. Во 2016 со мислење на лекарски конзилиум е констатирано дека се е во ред со неа. На почетокот не можеше да оди и да зборува кога ја земавме, а сега не знаете колку е добро и интелигентно дете – вели Арсов.

По загинувањето на неговата сопруга, тие пробале и понатаму да му бидат згрижувачко семејство на девојчето, но социјалните служби ги одбиле.

Неговиот син аплицирал за дозвола за згрижување. Зоран бил и неколку пати на обука и ги поминал сите тестови и разговори, но бил одбиен со образложение дека се неподобно семејство.

-Уште при поднесување на документите наидов на арогантен и нетолерантен однос од службениците. Јас дотогаш живеев во Кичево, но најдов работа во Делчево. Ми рекоа дека морам да отпочнам обука за згрижувач, ја поминав обуката, имав седум средби и разговори кој беа до бескрај провокативни. Мојата сопруга даде потпис за согласност и таа неколку пати беше на разговори во Центарот за социјални работи. На крај ми рекоа дека сум неподобен за згрижувач и дека немам право да го гледам детето – вели Зоран.

Како причина да ги прогласат за неподобрни социјалните служби го навеле тоа што неговата сопруга живее во Кичево. Но Зоран и неговиот татко живеат заедно и се луѓе што девојчето најдобро ги знае и со кои израснала.

-Институциите се, како да кажам, глуви кон проблемов. Излегува дека не користеле како инструмент за детето. Мене ме прогласија за неподобен и во ред е тоа го прифаќам, не бараме да се врати во семејството, но зошто да не ни биде дозволено еднаш месечно да ја посетуваме. Нишката која ја има со нас не треба да се прекинува. Таа не знае кои се нејзините роднини и никој друг не познава. Емотивно страда, но никој не ја прашува за нејзините чувства. Ние сме возрасни со нашите чувства можеме да со носиме, но тоа е голема траума за неа – вели Зоран Арсов.

Девојчето има уште две сестри. Едната е згрижена во семејство во Крушево, а најстарата е веќе полнолетна и живее во Скопје.

Од Министерството за труд и социјална политика потврдуваат дека имаат намера да ги раскинат односите меѓу Арсови и девојчето, а намерата им е да ги обноват врските со нејзините сестри.

„Во однос на одржувањето на контактите на Ј.Ѓ со сопругот и синовите на поранешната згрижувачка според стручното мислење на стручниот работници од ЈУМЦСР Делчево согласно направената проценка на потенцијалите, потребите и севкупниот развој на детето согласно неговиот најдобар интерес, се движат во насока на намалување односно целосно прекинување, се со цел понатаму да ги јакнат релациите со биолошките сестри на Ј.Ѓ .“, велат од Министерството.

Но Арсови не ја гледаат оправданоста на ваквата одлука. Ако социјалните служби имаат намера да ги зближат сестрите, тогаш како, прашуваат, нивните привремени контакти би влијаеле на тоа.

Освен тоа посочуваат дека во рок од седум и пол години, додека се грижеле за неа, социјалните служби само два пати направиле напори да се види со нејзините две сестри.

-Ни велат дека не постои законски основ за регулирање на видувањата со детето. Зошто тогаш не спречуваат да ја посетуваме. Не постои закон кој ги прекинува врските меѓу згрижувачкото семејство и детето – велат Арсови.

Тие бараат од Министерството за труд и социјална политика да ги преиспита своите политики и да не застанува и понатаму на патот меѓу нив.

Маја Васева

Поврзани новости