Заев на средба со Трамп во САД

by fokus

Премиерот Зоран Заев ќе ја предводи делегацијата на Република Македонија која ќе присуствува на 72 Генерално Собрание на Обединетите Нации во Њујорк од 17 до 23 септември.

Во составот на делегацијата на Република Македонија, покрај премиерот Заев, ќе бидат и министерот за надворешни работи Никола Димитров, и министерот без ресор, задолжен за дијаспората, Едмонд Адеми.

Заев ќе присуствува на свеченото отворање на работата на Генералното Собрание и ќе настапи со свое излагање на тематската конференција „Отворена влада“, со која ќе претседава претседателот на Франција, Емануел Макрон. Тој ќе учествува во работата и на повеќе други тематски панели за време на овој светски собир на претседатели на држави и шефови на влади.

За време на Генералното Собрание на ОН, Претседателот на Владата на Република Македонија ќе има работен ручек со Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, повеќе други билатерални средби, меѓу кои и со Претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск, со Високата претставничка за надворешна политика и безбедност на Европската Унија, Федерика Могерини, со премиерите на Норвешка, Малта, како и Претседателот на САД, Доналд Трамп.

Во рамките на посетата на Њујорк, Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев ќе оствари средби и со претставници на дијаспората на Република Македонија во Соединетите американски држави, како и со бизнисмени од САД.

Поврзани новости