Царовска: Во ова министерство не смее да има никакво луксузирање

by fokus

Би сакала да истакнам дека во МТСП сега се троши одговорно и домаќински. Во ова министерство не смее да има никакво луксузирање. Ниту исплата на нереално високи хонорари, изјави министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, презентирајќи го отчетот за првите 100 дена во Владата.

-Нашата најголема привилегија е што успеавме да ја вратиме насмевката и доверба во системот кај Ристе и Владо од Велес и малата Мерсида, која растеше под еден скопски мост. И уште бројни вакви приказни, за кои што плачеме кога слушаме на вести, но сега имаме можност да искреираме систем кој ќе им помага на овие семејства, без да треба да се изложуваат на медиумите за да го решат својот проблем. Во таа насока ќе продолжам и во иднина, односно сѐ додека ја имам довербата на граѓаните за извршување на мојата функција – рече министерката.

За период од 100 дена, инспекциските служби, рече таа, извршиле 300 контроли и изрекле над стотина мерки за прекршување на безбедноста и здравјето на работниците.

-Во првите 100 дена мојата цел беше да се види суштинската разлика во работењето и пристапот кон социјалната политика меѓу претходната и оваа власт. Верувам дека тоа го постигнавме. Исто така, верувам дека успешно ги поставуваме темелите на реформите кои на долг рок ќе ја намалат сиромаштијата, ќе ја зголемат еднаквоста и ќе обезбедат подобар и поквалитетен живот за граѓаните – посочи Царовска.

Додаде дека Министерството во овие сто дена подготвува темелна реформа на системот на социјална заштита бидејќи сегашниот систем е неефикасен и неправеден, оптоварен со комплицирани административни процедури. Новиот систем ќе го смени суштински начин и пристап кон социјалната заштита.

-За таа цел веќе е формирана работна група составена од претставници на МТСП, граѓански организации и професори од областа кои ќе работат на подготвка на нов предлог Закон за социјална заштита. Обезбедена е поддршка од Меѓународните организации, пред се од Светска Банка, но и Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје – изјави министерката.

Поврзани новости