Премиерот Зоран Заев, кој денеска присуствува на Самитот на Северноатланскиот совет, истакна дека ова е историски самит за Северна Македонија и оти стоиме рамо до рамо заедно со сите членки на НАТО и сведочиме за нејзиното единство.
Заев рече дека пред нашите сојузници истaкнал дека сме посветени на визијата за Балканот во 21 век како регион на мир и стабилност.
-Посветени сме да изградиме нов Балкан со зајакната регионална соработка. Затоа е важно балканските земји да имаат јасни визии, рече премиерот.
Тој му се заблагодари на Столтенберг за креирањето на агендата 2030 и за широките консултации. Агендата, според Заев, навреме ги адресира промените и го прави НАТО подготвен за 21 век.
Претседателот на Владата Заев, заедно со лидерите на земјите – членки на НАТО, учествуваше во централниот работен дел на годинашниот Самит на Алијансата, односно на пленарната седница на Северноатлантскиот совет.