Со здружени напори 16-те земји од Источна и Централна Европа можат да ја унапредат размената и движењето на луѓето, добрата и услугите, искуствата и да ја користат експертизата и знаењето од НР Кина во овие процеси, но истовремено и да го направат овој регион атрактивна и примамлива дестинација за нови инвестиции на кинеските компании и примамлива туристичка дестинација за кинеските туристи, порача премиерот Зоран Заев на 7. Самит на шефови на влади од процесот на соработка помеѓу НР Кина и земјите од Источна и Централна Европа (16+1) кој се одржува во Софија.
Тој се обрати на пленарна сесија на премиерите на владите на земјите од ЦИЕ и НР Кина, на која посочи и дека Република Македонија е мала земја којашто е посветена на концептот на поврзувањето, што всушност е дел и од Иницијативата 16+1.
– Како што вели кинеската поговорка: „Патувањето од илјада милји почнува со еден чекор“ – така и оваа иницијатива 16+1 претставува првиот чекор на едно впечатливо патување и платформа со која Република Македонија ќе може да ги продлабочи врските и поврзувањето, да напредува на полето на енергетиката и инфраструктурниот развој, порача премиерот Заев.
Како што соопшти владината прес-служба, тој потсети дека на почетокот на март годинава Македонија официјално во Скопје го отвори Центарот за координација на културната соработка помеѓу НР Кина и земјите од Централна и Источна Европа. Овој центар, рече, нуди одлични можности за мониторинг, промоција и афирамција на културната соработка помеѓу НР Кина и земјите од ЦИЕ, но оти настојува да ги продлабочува и зајакне релациите помеѓу земјите во културата којашто ја има централната улога во унапредување на меѓусебното разбирање и продуктивниот дијалог.