653
Премиерот Зоран Заев го поздрави вчерашното усвојување на ребалансот на Буџетот со кој се обезбедени дополнителни средства како поддршка на здравствениот систем, граѓаните и економијата.
– Со усвоениот ребаланс на Буџетот за 2020 година македонските граѓани се уверија дека имаат држава која се грижи за нив. Тоа е врвниот приоритет на Владата и во таа насока се пренасочени финансиски средства во справувањето со здравствената криза, за да се обезбедат на време вакцини, лекови и за зајакнување на здравствените капацитети, напиша Заев на Фејсбук.
Додава дека поддршката за граѓаните и стопанството продолжува и дека никој нема да биде изоставен.
– Дури 470 милиони евра се издвоени за реализација на четвртиот пакет антикризни мерки за економско заздравување и одржливост на домашната економија и за зачувување на работните места, со што ќе го овозможиме континуитетот на позитивните трендови на македонската економија, по завршување на кризата. Нашето внимание е целосно насочено кон поддршка на здравствените работници, кон студентите и учениците, кон невработените лица, социјално ранливите категории, како што се пензионерите и граѓаните од други категории. Со ребалансот на Буџетот и со четвртиот пакет мерки овозможуваме директна помош за економската и социјалната сигурност на нашите сограѓани, како и поттик на приватната потрошувачка како стимулатор на општествениот раст, вели Заев во статусот на Фејсбук.