Заев со селфи за укинувањето на роамингот: Успеавме!

by fokus

Премиерот Зоран Заев и генералната секретарка на Советот за регионална соработка во рамките на Берлинскиот процес Мајлинда Брегу, денеска во Охрид, на маргините на настанот Преспа форум дијалог испратија порака по повод укинувањето на роаминг тарифите помеѓу шест земји на Западен Балкан.

-Успеавме! Од денеска нашите граѓани можат да комуницираат за 0 денари во роаминг. Ова е пораката којашто заедно со селфи ја испративме со Мајлинда Брегу на нашите пријатели во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија, и Црна Гора, стои во пораката од премиерот Заев.

Инспирирани од Европската Унија, се додава, воспоставивме и создадовме средина каде што сите наши граѓани ќе можат безбедно да ги користат своите мобилни телефони да зборуваат, да испраќаат пораки и да користат интернет низ сите земји во Западен Балкан без дополнителни трошоци.

-Ја остваривме идејата која ја договоривме во 2019 година за да го олесниме поврзувањето меѓу нашите граѓани, меѓу бизнисмените, академската заедница и младите и да го забрзаме напредокот кон поврзување на регионот. Ова е наш заеднички успех и здружување на иницијативите за подобри услуги за нашите граѓани и за забрзување на економскиот напредок на регионот. Со ова сме чекор поблиску до приклучување кон концептот „Роаминг како дома” со земјите од Европската Унија, се нагласува во пораката од Заев.

Поврзани новости