Шефот на словенечката дипломатија Анже Логар, чија држава од денеска го почнува претседавањето со ЕУ се обрати преку видео порака до панелот на министрите за надворешни работи насловен како „Градење на доверба преку дијалог “ во рамки на Преспа форум дијалогот, порачувајќи дека проширувањето на ЕУ со балканските држави останува приоритет за Словенија како претседавач.
– Проширувањето не е техничко, туку клучно, врвно геостратешко прашање, прашање што бара внимание, амбиција и политичка волја на сите чинители за остварување на заедничките цели – цврста и силна Европа. Словенија сака брз старт на процесот на проширување. Ако Европа сака да биде целосна и слободна, тогаш земјите од регионот мора да бидат ислушани со инклузивен пристап. Отсуството на стратешки решенија за регионот го остава авионот без пилот, остава простор за други геостратешки играчи да го остварат своето влијание, рече Логар.
Тој порача дека во сржта на словенечкото претседателство со ЕУ се и безбедноста и мирот и додаде дека сето ова мора да се дискутира на највисоко ниво. Додаде дека во таа насока го организираат и Самит ЕУ-Западен Балкан, бидејќи успехот на регионот зависи од сите актери кои се вклучени во процесот.
Домаќин на овој панел беше шефот на дипломатијата Бујар Османи, кој истакна дека водењето дијалог без доверба не испорачува посакувани резултати, дури и кога се чини дека дијалогот е успешен.
Османи нагласи дека со Република Бугарија имавме успешен дијалог крунисан со Договор потпишан во 2017 година, кој е одлична рамка за унапредување на односите.
– Доколку не се валоризираат напорите на оние кои имаат амбиции да ги исполнат критериумите, постои опасност од прелевање на разочарувањето низ регионот, а напорите за изнаоѓање решенија стануваат контрапродуктивни, рече Османи.
Кога станува збор за овој дел од континентот што не е дел на ЕУ, шефот на македонската дипломатија посочи дека Западниот Балкан како природен дел на Европа веќе подолго време е внатрешно прашање на ЕУ и дел од процесите во рамки на Унијата.