Заев: Со Иванов имавме пријатен разговор два дена пред Илинден

by fokus

Премиерот и претседателот имале средба два дена пред Илинден. На состанокот се разговарало за регионални и многу важни државни прашања, важни за безбедноста, иднината, актуелните моменти. Но, Иванов тогаш зборувал едно, а на Мечкин Камен друго.

– Со Иванов имавме пријатен состанок, поразговаравме за очекувањата на Мечкин Камен. За жал, се случија мотивации од самиот говор на претседателот, лица, веројатно под дејство на алкохол, да шират омраза, рече Заев.

Според премиерот, некои од лицата што го предизвикаа завчерашниот инцидент во Крушево биле и во Собранието на 27 април. Тоа е мала група, оцени Заев, од 50-на лица, исфрустрирани и мотивирани од некого да праќаат некакви пораки, но не се приврзаници на големите политички партии, зашто во последно време го плукаат и ВМРО-ДПМНЕ, а и физички се насилни. Сепак, смета Заев, овие луѓе имаат одредена цел.

На говорот на Иванов на Мечкин камен, во кој тој изјави дека не го поддржува Договорот со Грција, реагираше и Европската комисија. Брисел порача дека очекува од сите страни да бидат конструктивни.

– Очекуваме од сите политички сили да играат конструктивна улога преку поддржување на заедничката стратешка цел на европската интеграција и да ја обезбедат имплементацијата на Договорот, изјавија за МИА од Европската комисија.
На одбележувањето на Илинден, членови на навивачки групи, здруженија и организации кои се претставуваат како патриотски, ги навредуваа Албанците со скандирања и песни и фрлаа со пластични шишиња и други предмети по петтемина министри од официјалната делегација на Владата.

За разлика од претставниците на извршната власт и странските дипломати, претседателот Иванов беше пречекан со овации и се ракуваше со дел од присутните кои го скандираа неговото име.

Поврзани новости