Ако вонредната состојба биде продолжена, тоа ќе биде само заради економските импликации, истакна лидерот на СДСМ Зоран Заев на Телма.
-Вонредната состојба беше воведена заради здравствената состојба и епидемијата на Ковид-19, но и поради економските импликации од коронакризата, со цел Владата да може да носи уредби со законска сила и да им помогне на граѓаните и на стопанството, додека немаме Парламент – рече Заев.
Тој напомена дека единствениот механизам во моментот во однос на изборите е уредбата со законска сила, која, спроед него, предвидува дека роковите се дефинирани од завршување на вонредната состојба.
-Само тој (Талат Џафери) распишува избори. Тоа решение е сега замрзнато, додека трае вонредната состојба. Штом заврши се одмрзнува и остануваат уште 22 дена до изборите – рече Заев.
Коментирајќи ја изјавата на Христијан Мицкоски дека препораката на Венецијанската комисија е по завршување на вонредна сосотјба да изминат барем 60 дена пред да се организираат избори, Заев рече дека тоа е согласно Уставот на Грузија.