Стотици илјади граѓани со години се боревме да ги срушиме алчните арамии од режимот и успеавме, сега некој се исмева со таа борба и се обидува да ја ништи освоената правда, реагира поранешниот премиер Зоран Заев, откако Апелација го врати на повторно судење случајот со масовното прислушување, каде првостепено осуден беше Сашо Мијалков.
„Со двете поништени пресуди, директно се упатува на враќање, а со тоа и повторување на грозоморните дејствија на режимската врхушка и секако се мотивираат и други чинители да прават исти вакви грозоморни дејствија со кои се газат масовноре човекови права и сите вредности за кои се бореше целиот македонски народ пред само неколку години преку Шарената револуција. Што е следно, Мијалков да стане директор на АНБ, а Груевски да се врати невин на бел коњ? Па и утре да станеме членка на ЕУ тоа нема да го испере овој срам и блам“, напиша Заев на фејсбук.
Тој ги повикува сите надлежни од и околу правосудството да не дозволат да застарат делата на Мијалков и да направат сѐ виновниците да одговараат, бидејќи, според него, за нивните злодела има докази чисти како ден.