Јоханес Хајндл, специјалниот германски посредник во разрешување на кризата кој синоќа беше гостин на трибина „Македониј на крстосница“ што се одржа во Виена, не сакаше да даде изјава околу неговиот ангажман во периодот до изборите. По завршување на настанот на кој специјален гостин беше Зоран Заев, тој се ракуваше со претседателот на СДСМ и потпретседателката Радмила Шекеринска и си замина. Заев пак, според кого сега постојат минимум услови за одржување на изборите со тоа што, како што вели, исчистен е Избирачкиот список од фиктивните гласачи и обезбеден одреден баланс во медиумите, оптимистички очекува дека на 11 декември граѓаните во редици ќе излезат на гласачките места да гласаат против Груевски. Говорејќи пред гостите на Крајскиот форум за меѓународен дијалог, главно странци, Заев зборуваше за неговата визија како лидер на опозицијата, целите на партијата со која раководи и неговиот поглед на политичката криза и нејзиното разрешување. „Во нормална држава секој функционер фатен на дело во криминал веднаш ќе дадеше оставка, но тоа со Груевски не се случи. Сепак, она што е позитивно во целата ситуација е што таквото поведение го разбуди граѓанството кое излезе на улица. Тие граѓани веќе знаат што сакаат и тоа ќе го бараат и од секоја идна влада”, рече Заев. Поранешната германска амбасадорка во Македонија Гудрун Штајнакер го праша Заев како мисли да ги мотивира, на пример, вработените во администрацијата чиј број достигна 180 илјади и дали ќе ја продолжи политиката на привлекување странски инвеститори. Заев одговори дека начинот на привлекување странски инвеститори преку буџетски субвенции ќе запре и тие ќе можат да дојдат во Македонија ако мислат дека постоечките услови се доволно атрактивни за нив. Истовремено, тој најави дека буџетска поддршка ќе има за сите приватни компании во земјата, но таа ќе биде условена со зголемување на платите на вработените. На тој начин, според визијата на оваа партија, вработените од државниот сектор полека ќе се селат во приватниот. За да нема отушттање во администрацијата која, како што рече лидерот на СДСМ е прекубројна, една од мерките е воведување на шестчасовно работно време, а ќе се направи и оценка дали е потребно прераспределување на вработените во сектори каде има потреба од повеќе луѓе за поквалитетни услуги. Едно од прашањата до Заев беше дали е можно разгорување на етнички конфликт на што Заев изјави дека „Груевски и неговите соработници би направиле се за да се спасат од одговорност за (не)делата, па дури и да предизвикаат конфликт, но за среќа, тоа веќе не зависи од нив”. Заев го спомена инцидентот во Диво Насеље како обид за дестабилизација, но како што нагласи, наместо да разгори конфликт, Груевски предизвикал пораст на етничката солидарност. Тој истакна дека како партија се против концептот на дуализам меѓу Македонците и Албанците во управување на државата и дека се залагаат за градење на граѓански концепт при што го спомена вклучувањето на Албанци во извршните тела и во раководството на партијата. За СЈО, претседателот на СДСМ рече дека е најважната институција која ужива доверба кај граѓанството, но ја потенцираше корумпираноста на судството, посочувајќи го особено Основниот суд Скопје 1 и тоа, како што рече, не е негова произволна оценка туку став и на Стејт департментот, на специјалниот пратеник Прибе и на извештајот на ЕУ за напредокот на земјата. И.П.В |
Заев се залага за концепт на граѓанска држава наспроти досегашниот национализам
490
претходна вест