Премиерот Зоран Заев, денеска ја прими во посета заменик претседателката на Република Бугарија, Илијана Јотова.
Премиерот Заев на средбата на која присуствуваше и министерот без ресор, задолжен за комуникации, отчетеност и транспарентност, Роберт Поповски, изрази особено задоволство од оваа средба на висока гостинка од Република Бугарија и нагласи дека и овој состанок е резултат од интензивирањето на пријателските односи меѓу двете земји, кои добија нагласена динамика по потпишувањето на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка меѓу двете земји.
Претседателот на Владата на Република Македонија Заев, ја запозна Заменик претседателката на Република Бугарија и нејзината делегација со актуелните активности на Владата. Премиерот Заев посебно се задржа на иницијативите на Владата во однос на евро-атлантските аспирации на нашата земја, и изрази благодарност за поддршката што на овој план ја добива Македонија од Република Бугарија.
Премиерот Заев рече дека наредната, 2018 година, е особено значајна на тој план за Република Македонија. Тој нагласи дека земјите на ЕУ го препознаа новиот пристап на актуелната владина гарнитура на земјата во однос на остварување на стандардите кои се од посебно значење во процесот на пристапување на земјите кандидати за членство во ЕУ.