Премиерот Зоран Заев денеска се сретнал со претседателите и претставници на сите партии членки на владината коалиција, на која била изразена посветеноста на реформите во интерес на сите граѓани и реализирање на зацртаните цели во владината Програмата и искажана силна поддршка за продолжување на напорите за изнаоѓање решенија во однос на бугарското вето, со цел земјата да продолжи по европскиот пат.
Како што соопшти владината Прес-служба, на средбата премиерот Заев им упатил благодарност на коалициските партнери за нивниот придонес во Владата и во Собранието, во интерес на граѓаните и иднината на државата, но и во процесот на креирање политики за помош на граѓаните и стопанството, особено во периодот со Ковид пандемијата.
– Заеднички беше оценето дека Владата останува посветена на реформите во интерес на сите граѓани и реализирање на зацртаните цели во Програмата. Силна поддршка владините партнери дадоа и за продолжување на напорите за изнаоѓање решенија во однос на ветото од Република Бугарија и беше заклучено дека земјава треба да продолжи по европскиот пат, затоа што нашата иднина е европска иднина, се истакнува во соопштението.
Премиерот Заев, при тоа, изразил благодарност за поддршката од сите етнички заедници за ова прашање, како и за поддршката од коалициските партнери како репрезенти на мнозинството граѓани од сите етнички заедници.
– Остануваме посветени на барањето решение со соседна Бугарија. Решение кое гарантира почеток на преговори со ЕУ, а никако не задира во македонскиот идентитет, ниту идентитетот на било кој народ или етничка заедница. Тука сметаме и на силната поддршка на нашите сојузници во ЕУ, особено Германија, како и САД кои се посветени нашата држава да продолжи по европскиот пат и почнување на преговорите со Унијата. Во оваа прилика уште еднаш сакам да потенцирам, бидејќи ова е една широка, мултиетничка коалиција, мене како премиер но пред сé како човек, многу ми значи поддршката од сите, од вашата поддршка но и поддршката буквално сите етнички заедници, претставени од партиите во оваа наша коалиција, потенцирал премиерот Заев.
Осврнувајќи се на состојбата со коронавирусот, сериозноста на ситуацијата со есенскиот бран, коалициските партнери ги потврдиле и ги реафирмирале заложбите на Владата за брзо и ефикасно дејствување во санирање на економските и здравствените последици.