Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека се прават напори во земјава што поскоро да стасаат вакцини од сите производители. Кинеските вакцини, најави, се очекува да пристигнат до крајот на овој месец.
– Во делот на пресметките видовме дека се уште има простор за склучување договори, правење нарачки или аванси, такви се модалитетите кога нарачуваме од вакцините. А во обид да кажеме дека еве сите можни вакцини сме направиле напор да ги набавиме па која стигне порано и побрзо тоа е уште подобро. Затоа дадов насоки министерот за здравство согласно стручните експерти кои утврдија дека има можност за уште 100 илјади вакцини веднаш да направат набавка и од таа вакцина која што ја немаме, а тоа е „Спутник“. Влегоа веднаш во разговори, рече премиерот.
Тој му се заблагодари на амбасадорот на Руската Федерација за помошта што поскоро да се завршат формалностите околу преддоговори, договори, осигурување, сите детали што постојат, како и за сите други вакцини за да може, како што потенцира, да очекуваме буквално од сите вакцини што се нарачани.
-Велам сите заради тоа што преку КОВАКС механизмот се и Модерна и Астра Зенека, Фајзер веќе го имаме, од Кина имаме нарачано, така што да знаат граѓаните дека буквално од сите производители на вакцини преку соодветните земји или компании или фондови кои и да се овластените преговарачи склучуваме договори се со конечна цел час поскоро да има доволно количини вакцини, истакна Заев одговарајќи на новинарско прашање по сведочењето во судот за случајот „Титаник“.
Тој најави дека според информациите со кои располага до крајот на февруари треба да ги очекуваме кинеските вакцини.
-Помина четврток или петок Кинеската нова година, засилена е динамиката. Знам дека вчера иако беше недела од сабајле прво јас пуштив писмо, потоа министерот Бујар Османи пушти писмо преку Кинеската амбасада, но и нашата амбасада за веднаш да ги убрзаме самите процеси за час поскоро да биде направено утоварување. Знам дека бараа конкретен датум за утовар, тоа е во текот на оваа недела, верувам дека до крајот на оваа седмица т.е. на крајот на февруари ќе стигнат кинеските вакцини. А за Спутник ќе ги знаеме деталите веднаш штом се склучат некои договори, преддоговори, папирологии за да може согласно тоа да проектираме датуми кога да се дистрибуираат, истакна премиерот Заев.