Премиерот Зоран Заев, денеска се сретна со амбасадорот на Република Албанија во Македонија, Фатос Река. На средбата се разговараше за евро-атланската иднина на регионот и за добрососедските односи.
Амбасадорот Река, му врачи писмо на премиерот Заев од албанскиот премиер Еди Рама, во кое што тој му го честита изборот за претседател на Владата и ја нагласи поддршката од Албанија за членство на Република Македонија во НАТО.
„Министрите во новата Влада на Македонија работат заеднички и мотивирано на евро-атлантските интеграции на Република Македонија и на обезбедувањето квалитетен живот за сите граѓани. Како Влада насочени сме силно кон изградба на демократска Република Македонија, едно општество за сите граѓани, со отворени перспективи кон стратешките цели на државата, Европската унија и НАТО – рече Заев.
На средбата премиерот Заев изјави дека Владата е силно насочена и кон економски развој на државата, преку голема државна поддршка на домашните мали и средни претпријатија, како и овозможување услови за реални и квалитетни странски инвестиции. Целта е отворање нови работни места за граѓаните и покачување на платите во државата.
На состанокот, заеднички е констатирано дека добрососедските односи и регионалниот развој отвораат перспективи за сите држави и за граѓаните на сите земји.