СЈО поднесе БЗЗ за одбиеното барање за замрзнување на партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ

by fokus

Од Специјалното јавно обвинителство информираат дека постапувајќи по предметот познат како „Талир“ до Врховниот суд поднеле Барање за заштита на законитоста, бидејќи претходно Кривичниот суд одби да го замрзне партиското седиште на ВМРО-ДПМНЕ.

-Со барањето за заштита на законитоста се бара Врховниот суд да утврди дека решението на Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција на Основниот суд Скопје I Скопје, со кое е одбиено барањето на ова Јавно обвинителство за обезбедување на дел од имотот на една политичка партија, било незаконито, велат од СЈО.

Оттаму потсетуваат дека 22 мај поднеле барање за привремено одземање на имот заради обезбедување, односно за определување на привремена мерка – забрана за отуѓување на недвижен имот со ставање на хипотека на тој имот поради основано сомневање дека потекнува од кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување, кое беше одбиено.

-Причините за поднесување на Барањето за заштита на законитоста се во фактот што во конкретниот случај се исполнети сите законски претпоставки за обезбедување на имотот кој што потекнува од кривичното дело, а воедно на првостепениот суд му беше приложен и обемен доказен материјал проследен со финансиски анализи, кои го поткрeпуваат барањето за обезбедување на имотот. Со барањето за заштита на законитоста укажано е на неопходноста од толкување на Законот за финансирање на политичките партии во согласност со меѓународните стандарди врз основа на кои овој закон е донесен и на околноста дека рестриктивното толкување на првостепениот суд на споменатиот закон е во спротивност и со заложбите за спречување на корупцијата како неопходен услов за градење на демократско општество и почитување на принципот на владеењето на правото, велат од СЈО.

Поврзани новости