Советникот за медиуми на српскиот претседател Александар Вучиќ, Сузана Васиљевиќ, изјави денеска дека веќе се започнати техничките подготовки за спроведување на Декларацијата за слободно движење на луѓе, стоки, услуги и капитал на Западен Балкан, која вчера беше потпишана во Нови Сад од страна на лидерите на Србија, Северна Македонија и Албанија.
Васиљевиќ за Телевизија Прва изјави дека на следната средба на лидерите на трите држави за протоколот, на 10 ноември во Охрид, ќе се презентира сето она што е направено во врска со декларацијата.
-Тие имаат задача да решат одредени работи, како што се отворањето граници до 2021 година, донесувањето прописи за пазарни инспекции и проток на стоки и капитал, неколку билатерални работи, изјави советничката на српскиот претседател.
Таа потсети дека иницијативата за овој документ потекнува од српскиот претседател Вучиќ, поради што првата средба се одржа во Србија, а Нови Сад беше избран како идна европска престолнина на културата.
-Вие ја видовте желбата на претседателот Вучиќ за регионални иницијативи и економијата да ја надмине политиката и конечно да започнеме да се справуваме самите со себе. На вечерата во Нови Сад, до детали беа утврдени принципите и основните точки кои утредента се најдоа во декларацијата, кажа Васиљевиќ, која присуствуваше на овие разговори.
Говорејќи за состанокот, таа рече дека тројцата лидери, Вучиќ, Заев и Рама успеале за три часа да се договорат за нешто што други не успеале ни за 30 години.
-Ги поканивме и другите лидери на Западен Балкан да се приклучат на иницијативата и се надеваме дека до 10 ноември во Охрид ќе се приклучат уште неколку лидери, бидејќи ова е нешто за што треба да се работи доколку размислувате за иднината на својот народ, кажа таа.
Според неа, „малиот шенген“ не е замена за ЕУ, но е добра порака.
-Ова не е замена за ЕУ, нова мала ЕУ, туку група на земји, односно регион кој сака да стори нешто за себе, за да биде прифатен во ЕУ, рече Васиљевиќ.
Како што додаде, македонската и албанската страна предложиле фестивалот Брегзит, по Хрватска, Бугарија и Црна Гора, да се пресели и во овие две земји, што ќе биде уште еден начин за промовирање на регионот.