Премиерот Зоран Заев, кој денеска ја дава својата одбрана како обвинет во случајот „Поткуп“, а по пријава на бизнисменот Иван Николов за барање на мито, појасни дека за изградба на храмот во Струмица лично и тој дал пари, но и неговото семејство.
-Лично од мои пари, преку трансакциската сметка уплатив за изградба на храмот во Струмица. И моето семејство преку сметки а фирмите и лични пари пари уплатија за изградбата, рече Заев.
Тој објасни дека за црквата донирале голем дел од бизнисмените и тие биле пример и за останатите граѓани.
-На состанокот со Владиката Наум и најголемиот дел од новите сопственици на државните земјишта беше договорено тие да бидат пример и да донираат за изградбата на храмот, рече Заев.
Набрзо, по завршувањето на економскиот форум, како што рече Заев, му се доближил Николов и рекол дека тој не може да ја уплати ветената донација.
-Јас нема да можам да ги уплатам ветените три евра по крвадрат за црквата, бидејќи се плашам дека власта ќе рече дека те поддржувам тебе, ми рече Николов. Јас му реков дека брзам и дека тоа е помеѓу него и Господ, рече Заев.
Премиерот појасни дека според него тоа е првиот обид за спроведување на сценариото да биде наместен и тоа за политички цели.
-Од денешен аспект целите ми се повеќе јасни, односно во тој период против Николов се воделе две истраги за градби без одобрение и една за перење на пари од 10 милиони денари. Моја претпоставка е и дека во тоа време со директорот на БЈБ, Митко Чавков почнало да се реализира сценариото за да ме држат во раце, бидејќи им бев политички опонент, а во 2014 година и да го запрат проектот Вистината за Македонија, односно објавување на бомбите, рече Заев.
В.В.