550
Оваа година Меѓународниот ден на правото на пристап до информации од јавен карактер, ОН и УНЕСКО го посветија на остварувањето на ова право со услови на криза, и во услови кога за ова право се исполнети сите уставни и законски гаранции во демократските општества. Свесни дека пристапот до информации во време на криза спасува животи, Владата ги следеше принципите за отвореност на институциите, транспарентност и комуникација за најважните прашања и мерки во справувањето со КОВИД-19 од интерес за граѓаните, напиша премиерот Зоран Заев на Фејсбук.
„Денес, секоја проверена и веродостојна информација поврзана со справувањето на здравствените и економските последици од КОВИД-19 се на еден клик од секој граѓанин во Северна Македонија. Стратешките определби за пристап до информациите, за транспарентност и за комуникација, опфатија редовни прес-конференции, на почетокот и по две или три на ден, на кои медиумите и граѓаните, во живо преку интернет, или преку традиционалните електронски медиуми, беа редовно информирани и во контакт со стручни лица, и овластени политички претставници од најважните надлежни институции. Централните владини медиумски настани одат двојазично, а дополнителната инклузивност ја обезбедивме и со вклучување на толкувачите на знаковниот јазик, додека главните пораки за основна заштита од коронавирусот беа преведувани на 6 јазици на малцинствата“, пишува премиерот Заев.
За да обезбедиме широк пристап до информациите значајни за граѓаните, појаснува тој, креирана е
посебна веб-страница на која се наоѓаат сите информации за КОВИД-19 и сите мерки кои државата ги презема во борба со вирусот, а за економските мерки аплициравме посебна пребарувачка алатка.