-Преговорите не се отпочнати, од разговорите во Стразбур нема ништо детално затоа што заклучивме само дека треба да разговараме. Наредбата средба ќе биде на 26 мај во Клубот на пратеници во Скопје, изјави Зоран Заев по враќањето од десетчасовните преговори во Стразбур, а пренесе А1 ОН.
Заев рече дека на преговорите во Стразбур најчесто разговарале тој и премиерот Никола Груевски лице в лице, во придружба на еврокомесарот Хан и тројцата европратеници.
-Остануваме на тоа што го соопшти Европската унија затоа што сакаме да дадаме шанса на преговарачкиот процес кој се обидува да почне. Преговорите не се почнати, почнати се разговори околу воспоставување на рамката. Деталите не би ги кажувал затоа што нема да бидат во прилог на успешни разговори кои ќе дадат резултат за политичката криза конечно да се разреши, изјави Заев.