Премиерот Зоран Заев вечерва се обрати на прославата по повод Денот на независноста на Македонија. Во својот говор тој најави дека има реални шанси Македонија да добие датум за преговори со ЕУ, само треба да покажаме зрелост.
-Тоа што сме тука е слобода, бидејќи не дојдовме затоа што моравме, туку затоа што сакавме. Секој го направи тоа вечерва, слободно. Убаво е слободно да одлучуваме за нашите животи. Избравме слобода и живот. Денес Македонија слободна, слободно живее. Може да живееме квалитетно во нашата Македонија. Ако до една цел, слободата, стигнавме заедно, тогаш заедно можеме и до другите цели. И во Македонија да живееме финансиски стабилни и безбедни. Парите ги насочивме кон граѓаните преку зголемување на минималната плата, надоместоците и субвенциите. Македонија активно соработува со соседите. Во овие процеси слободата е движечка сила. Сакам да укажам дека Македонија и сите граѓани сме пред момент што не се испушта и треба да покажаме зрелост. Постојат реални можности Македонија да добие датум за преговори. Реални се надежите дека Македонија може да биде 30та членка на НАТО. Клучен тест се локалните избори. Цврсто сме определни да спроведеме фер и демократски избори. Друг тест се реформите за да обезбедиме независно судство и независни медиуми, рече Заев.
Премиерот им се обрати и на младите и им порача да бидат гласни, критични и креативни, бидејќи таква младина и е потребна на Македонија. Тој потоа им се поклони на сите оние кои ги положиле своите животи за Македонија.