Новиот премиер Зоран Заев денеска во Владата ја презеде функцијата од досегашниот премиер Емил Димитриев. Заев беше придружуван од неколку членови од новиот владин кабинет.
Заев откако ја презеде функцијата изјави дека уште денеска ќе даде насока да се отворат портите на зградата, оти, како што вели, верува во отвореноста на Владата. Запрашан како ќе постапи во случајот со директорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, кој се посочува како директно одговорен за организираното насилие во Собранието, Заев вели дека ќе постапуваат по закон и дека намерата им е да ја преземат власта за да може да ја гарантираат безбедноста и иднината на сите граѓани.
Запрашан дали кабинетот е проверен да не има уреди за прислушување, Заев вели дека има служби кои си ја вршат работата и верува дека ќе биде осигурана професионалноста на функционирањето на премиерот.
Заев вели дека викендот со своето семејство ќе дебатираат за користењето на премиерската резиденција. Заеви живеат во Струмица. Премиерот од неговиот претходник дознал, како што вели, дека состојбата со буџетот е стабилна, дека не е нешто блескава, ама не е ниту драматична.