Со решенијата во предлог Законот за попис, пописот ќе се реализира исклучиво како статистичка операција согласно најдобрите европски стандарди и практики за никогаш повеќе да не се третира како политичко прашање.
Ова во интервју за МИА го изјави премиерот Зоран Заев, кој најави дека пописот во земјава ќе се спроведе во април, но опозицијата бара негово одложување.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ најавија дека нема да ги почитуваат резултати од пописот, бидејќи според нив власта спроведува пописен инженерениг и најавуваат нов попис, кои ќе го спроведат тие, кога ќе дојдат на власт.
-Пописот не е и нема да биде политичка операција, како што сака ВМРО-ДПМНЕ. Токму ВМРО-ДПМНЕ, со барањата и амандманите на законот сака да го направи пописот политички инструмент. На пример, едно од барањата на опозицијата повторно да се вратиме на Државна пописна комисија со членови од политички партии, во ист формат како комисијата од 2011 година која беше главна причина зошто имавме неуспешен попис, нагласи Заев за МИА.
Меѓу 20-тина барање на ВМРО-ДПМНЕ за предлог Законот за попис, додава тој, било и попишувачите да оставаат копија од анкетното ливче на секој што ќе се попише. Нагласува дека тоа е законски невозможно, бидејќи можни се злоупотреби и ваква пракса никаде не постои, а уште повеќе што овој пат целиот процес се ќе се одвива преку електронски пат.
-Попис напролет ќе има. Нашата држава е единствена во регионот и пошироко, која нема организирано попис 18 години. Пописот ни е потребен за добивање релевантни и точни статистички податоци за нашето население. Тие податоци им се неопходни на граѓаните, институциите, бизнисот и науката, неопходни се за развојот и растот на економијата и воопшто за проекции, планови и развој на кое било поле, вели Заев.
Законот за попис е во собраниска процедура, а на седница се очекува да се најде кон средината на месецов. Во последниот извештај на ЕК беше нотирано дека земјава мора да спроведе попис на населението во текот на оваа година.