Во преамбулата не се брише АСНОМ, се додава Охридскиот рамковен договор, а АСНОМ ќе се споменува два пати, рече премиерот Зоран Заев, во своето обраќање денеска на Комисијата за уставни прашања каде започна расправата за уставните амандмани.
-Манифестот на АСНОМ останува дел од нашата историја. Во преамбулата станува јасно дека Уставот е втемелен во правните прашања на АСНОМ, но не на политичките формулации кои можат да се протолкуваат како апсирации кон териториите на нашите соседи. Што се однесува до Охридскиот рамковен договот, во Уставот до сега го немаше само неговото име – рече Заев.
Според него нема ништо спорно во иницијативата за измени на Уставот согласно Договорот од Преспа.
-Предложените амандмани се во согласност со меѓународното право и меѓународните стандарди за човековите права и слободи. Од таму амандманите ја заслужуваат поддршката од сите пратеници – рече премиерот.
Како што појасни тој со амандманот 33 се додава придавката Северна пред Македонија и името на државата гласи Република Северна Македонија. Вториот амандман е за почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на соседните држави, со третиот амандман се даваат гаранции дека границите со соседите се трајни и непроменливи, а четвртиот амандман, како што рече Заев, го штити и негува историското и културното наследство.
-Процесот на уставните измени треба да заврши со одлука за измена на Уставот поддржана од двотретинското мнозинство. Во одлуката ќе пишува дека овие амандмани се составен дел на Уставот и влегуваат во сила кога грчката страна во парлментот ќе ја ратификува спогодбата и кога Грција ќе го ратификува протоколот за членство во НАТО. Желба на Грција е да биде прва земја членка на НАТО која ќе го ратификува протоколот за членство. Ова е дополнителна заштита за нас, бидејќи доколу Грција не ги исполни обврските, нема да важат измените на уставот – посочи Заев и додаде дека останува отворена понудата за инклузивност.
-Останувам достапен низ целата дебата за инклузивен пристап на процесот, сите знаеме колку е чувствителна оваа работа – порача тој.