Апелација му ја зголеми затворската казна на гинекологот што лажеше пациентка дека е бремена

by fokus

Гинекологот, Николче Дамчевски, ќе издржува две години затворска казна наместо една и пол година како што му досуди Основниот суд Скопје 1. Апелациониот суд ја потврди пресудата на првостепенит суд, но и ја зголеми на 2 години. Освен тоа на Дамчевски му е изречена и забрана за вршење дејност во траење од 8 години.

Дамчевски е осуден за тешки дела против здравјето на луѓето и фалсификување исправа. Обвинителството докажа дека во периодот од месец септември 2015 до април 2016 година презентирал состојба на лажна симулирана бременост на пациентка врз која претходно спровел биолошки потпомогнато оплодување.

За време на судењето тој ја призна вината.

Според обвинението иако знаел дека оштетената не е бремена, Дамчевски вршел редовни контролни гинеколошки прегледи со ехо апарат, презентирал лажни ехо снимки на кои се гледа плод, презентирал лажна срцева акција на плодот, мерел должина и тежина на плодот, го утврдил полот на плодот, вербално на секој преглед детално ја објаснувал секоја наводна снимка од плодот, правел и скрининзи со писмени извештаи во кои е наведено дека на ехото се гледа плод во различна гестациска недела, а потоа договорил и термин за пораѓање.

Непосредно пред денот за кога било договорено наводното пораѓање на пациентката најпрвин на сопругот на оштетената, а потоа и на оштетената ја открил вистината за лажната бременост.

Поврзани новости