-Сето тоа што го предлагаат е на нивото на европските пракси и сакаме да учиме од Венецијанската комисија. Рековме дека ја почитуваме Венецијанската комисија, која ќе го даде нејзиното конечно мислење, бидејќи досега како што коментираа, што е поважно дали владеењето на правото и очекувањето да се добие правда или употребата на јазикот. Можеме да дадеме објаснувања колку се важни правото на јазикот и на правда, за на крај да можеме да дадеме свое мислење и да можат тие да го оформат своето мислење, рече премиерот Заев.
На новинарско прашање за забелешката на пратеникот на ДУИ Артан Груби, кој коментира дека цената на мирот е неспоредлива со цената на имплементацијата на законот, односно дека со законот е купен мир, премиерот Заев посочи дека законот е човечко право што произлегува од правото на употреба на јазици и јазикот е средство за разбирање, за животот да ни биде полесен.
-Оттука и доаѓа буквално употребата на јазиците. Тоа е уставно право на граѓаните. Ништо не се сменило во нашата држава, а граѓаните имаат дополнително право да си го користат, рече Заев.
Тој притоа посочи повеќе практични примери за употреба на јазикот, како при добивање на социјална помош и како тоа ќе послужи ако една стара возрасна жена знае само албански јазик или пак жена Ромка која живее во Шуто Оризари и не знае на друг начин да комуницира за да го оствари ова свое право.
-Дефинитивно треба да бидеме демократи да донесеме закон, а Венецијанската комисија ќе ни ги даде своите укажувања и конечно сме подготвени да го имплементираме. Бидејќи ако сакаме да влеземе во Европската Унија, треба да ги почитуваме европските институции, истакна Заев и дополни дека во државата се е транспарентно и сите знаат како се одвиваат процесите.
Во врска со проблемите во инститициите и на менаџерите за непознавање на албанскиот јазик и дали планира Владата Македонците да научат албански, а Албанците македонски, премиерот Заев потенцира дека како Влада им стојат секојдневно на располагање на граѓаните да ги поддржат нивните потреби „не само да дадат тренинг за квалификувана работна рака, туку да поддржат се за да создадат подобри услови за работа и полесно граѓаните да најдат работно место“.
-Ние им стоеме на располагање на граѓаните. Знаењето на јазиците е богатство. Знаеме дека дома сите ги тераме децата да учат јазици затоа што ќе им се најдат во животот. Затоа, јас верувам дека колку знаеме повеќе јазици, толку ќе им помогнеме на децата во нивните планови во животот. Владата ќе поддржи се за полесно да се вработат граѓаните, а посебно младите, потенцира премиерот Заев.
Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи денеска во врска со Законот за јазиците изјави дека треба да се почека Венецијанската комисија да излезе со конечен извештај, по што ќе се види што од тоа може да одговара на нашиот политички контекст, а што е спротивно од нивните согледувања, спротивно од Рамковниот договор, спротивно од нашите погледи како треба да го развиваме нашето мултиетничко општество и мултиетничка држава.
Министерството за правда вчера посочи дека нема да го кометира мислењето на експертите на Венецијаската комисија за Законот за јазиците сè до неговото усвојување од комисијата кога станува официјално.
– Мислењето на експертите на Венецијаска комисија е класифицирано сè до неговото усвојување од Комисијата кога станува официјално. До неговото официјализирање нема да го коментираме, а штом ќе биде усвоено ќе го почнеме процесот на имплементирање на препораките содржани во него, велат за МИА од Министерството за правда.