Оваа Влада е демократска и никогаш нема да посегне кон цензура, против лажните вести се бориме со вистината и со нашите чекори досега не сме се ни доближиле до црвената линија чие преминување би значело посегнување кон цензура. Лажните вести, односно дезинформациите ги поткопуваат демократиите и на нечесен, манипулативен начин, на штета на јавниот интерес, на добробитта на граѓаните, и ја загрозуваат безбедноста на населението“, рече премиерот Зоран Заев во интервјуто за печатеното издание на „Капитал“.
Тој појасни дека Владата на дневно ниво се справува со дезинформациите, преку својот воспоставен систем за кризни комуникации, со кој во многу брз рок одредена сомнителна вест се проверува и доколку истата е лажна, веднаш се дефинираат начин и канали на реакција со цел да се оневозможи натамошно ширење.
„Во таа насока воведовме и активна транспарентност на институциите со цел точните информации постојано да бидат на дофат и очиглед на јавноста, со што се намалува просторот за маневар на дезинформаторите. Наоѓањето модел за справување со овој штетен феномен и најголема опасност за демократиите е врвен предизвик со кој се соочуваат сите демократии низ целиот свет, бидејќи ризикот од овие мерки е властите намерно или ненамерно да посегнат кон цензура или кон контролирање на делови од јавниот етер.
„Но, потенцирам: Ние сме тие кои заедно со стотици илјади граѓани го ослободивме општеството од стегите на режимот, и ние сигурно нема да бидеме тие кои ќе посегнат кон цензура, ние тоа ниту можеме, ниту сакаме, ниту знаеме, ниту имаме намера да го изведеме“, вели Заев.