Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, утрото се сретна со амбасадорот на Израел во Република Македонија, Дан Орјан.
На средбата е изразена поддршка на промените во Македонија, во коишто се гледа можност за стабилност во државата и економски перспективи.
Амбасадорот на Израел Орјан најави интерес на израелски компании за инвестирање во Македонија, кои чекале на политичка стабилизација на Република Македонија. Земјоделството и енергетиката се некои од областите за кои има потенцијални инвеститори.
„Ќе ја продолжиме и ќе ја засилиме добрата соработка со Израел, на сите полиња, што може да придонесе до квалитетен живот на граѓаните на Македонија. Новата Влада е силно ориентирана кон економски развој на државата, а инвестициите се важни за отворањето нови работни места. За таа цел, Владата посветено работи на обезбедувањето услови за работа на компаниите со што се отвораат можности и за достоинствена егзистенција за работниците и граѓаните на Македонија“, рече премиерот Заев.