Се чувствувам добро по примање на вакцината и уште еднаш апелирам до граѓаните да се вакцинираат бидејќи сите вакцини се безбедни и предизвикуваат имунизација. Според планот, октомври е оптимален месец за да се имунизираат 70 проценти од граѓаните, рече денеска премиерот Зоран Заев по своето обраќање во Тетово, во одговор на новинарско прашање.
Прашан зошто владините претставници се „попривилегирани“ да се вакцинираат без оглед на старосната граница, премиерот рече дека го чекал својот ред, а редот е токму сега кога доаѓаат доволно количини за масовната имунизација.
Тој уште еднаш испрати порака до граѓаните да ја искористат приликата и да се вакцинираат.
-Ја користам приликата уште еднаш да ги повикам граѓаните. Само преку вакцинирањето може да ја победиме пандемијата, ова светско зло кое ни ги смени нашите животи, и не се работи само за заштита на себе туку за заштита на сите околу нас. Пред се гледаме таму каде што најмногу не боли целиот овој период се нашите повозрасни родители, пријатели соседи. Јас се чувствувам одлично, вчера ја примив вакцината впрочем и немам време да забележам дали се чувтсвувам поинаку и препорачувам граѓаните да се вакцинираат со таа вакцина која ќе дојде на ред за вакцинирање, рече Заев.
Тој посочи дека сите вакцини се добри и потврдени, и предизвикуваат имунизација. Испрати апел граѓаните да ги почитуват протоколите врз основа на кои Министерството за здравство ја извршува имунизацијата, за како што рече, да можеме час поскоро да ги постигнеме бројките од најмалку 70 проценти на имунизирано население.
На новинарско прашање дали има шанси до октомври 70 проценти од населението да се вакцинира, премиерот рече дека планот е до 15 јуни, до завршување на учебната година да се вакцинираат што е можно поголем број на население, и токму затоа, како што рече, се отвораат центрите во сите градови низ државата.
-Планот е прво да завршување на учебната година, некаде 10,15 јуни да вакцинираме поголем број, затоа ги отвараме центрите секаде и апелирам до градоначалниците кои имаат капацитет и имаат можност, да дадат дополнителни напори за отворање на центрите за да се извакцинираме масовно. Знаете дека во мај очекуваме уште поголеми количини, до 15-ти очекуваме околу сто илјади донација од Кина да стигнат, и 50 Фајзерови на неделно ниво, и втора количина Астра Зенека до крајот на мај, додаде Заев.
Како што посочи премиерот Заев, октомври е оптимален период да го постигнеме неопходниот процент од 70 отсто имуни граѓани на пандемијата.