Верувам дека до крајот на викендот Владата може да го пушти во собраниска процедура законот за обвинителство со прифатените забелешки и сугестии на сите пратенички групи, изјави лидерот на СДСМ и екс премиер Зоран Заев.
-Парламентот да ги искористи трите дена, понеделник, вторник и среда да го гласаме. Тоа не го нарушува воопшто датумот за одржувањето на изборите – изјави Заев.
Тој додаде дека разговарал со сите пратенички групи и дека, како што рече, со сите се прилично блиску до договор, освен со ВМРО-ДПМНЕ.
-Од ВМРО-ДПМНЕ дигнав раце, ама апелирам и до нив. Имаме квалитетно законско решение. Внатре имаме фер и еднаков третман за сите – рече Заев.
Тој денес беше во посета на Аричиново, каде изврши увид во изградбата на канализациониот систем, при што порача:
„Сакам да ги поздравам граѓаните на Арачиново кои се денеска со нас да ја споделиме радоста на изведбата на едно големо и значајно очекување, што беше ветено од сите нас во време и во период кога сите зборуваа за федерализација и кантонизација. Тогаш, излегоа граѓаните на Арачиново и рекоа – ама луѓе нас ни треба канализација. И таа симболика остана, според мене една од најзначајните симболики на нашето единство правејќи го концептот „Едно општество за сите“.