Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, на денешната трибина во Валандово во рамки на митингот „Излези за европска Македонија“, рече дека Македонија во 1991 година ја добила независноста, а на претстојниот референдум треба да ја зацементира иднината, стабилноста и интегритетот.
-Тогаш ја добивме, а сега треба да ја обезбедиме иднината на Македонија со квантен скок во ЕУ и НАТО преку прифаќање на договорот за името со Грција. Без договор со Бугарија ќе беше загрозен и договорот со Грција. Со овие два договори сега имаме подадена рака од сите. Грција доби ерга омнес за името, а ние добивме ерга омнес идентитет – порача Заев.
Тој порача дека со договорот веќе не постојат дилеми за нашиот идентитет и јазик, туку, според него, договорот отвора перпсективи за граѓаните.
-Во Европа се зборува за економија и перспективи, а кај нас за политика. Сите го знаат премиерот Зоран Заев – катастрофа. Ете тоа е разликата и треба веќе еднаш да ја разбереме и надминеме – истакна Заев.
Според него, вистински патриотизам е да се донесе правилна одлука и да се обезбеди државата и иднината на нашите деца.