Заев од Швајцарија добивал закани по живот

by fokus

Министерството за внатрешни работи регистрираше триесет случаи во кои преку социјалните мрежи биле испратени закани за безбедноста на државни функционери. Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика детектирал шест кривични дела за закани кон претседателот на Владата, Зоран Заев.

Како што информираат од МВР, откриено е лицето кое ги испратило заканите и истиот се сомничи за „загрозување на сигурноста“. Осомничениот му се заканувал на Заев преку социјалната мрежа „Фејсбук“.

„Во случајот осомничениот за кривичното дело е откриен во координација со Секторот за меѓународна полициска соработка, со социјалната мрежа “фејсбук“, како и со Интерпол-Берн (Швајцарија) и еден интернет провајдер од Швајцарија. По целосно документирање на случајот против осомничениот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава до надлежното ОЈО“, велат од полицијата.

За сите други случаи, додаваат од МВР; согласно законските норми изготвени се Известувања до надлежен ЈО при Основното јавно обвинителство Скопје, со цел утврдување елементи за сомнение за кривични дела што се гонат по службена должност од областа на компјутерскиот криминал.

„Министерството за внатрешни работи на ист начин постапува по сите доставени пријави за закани за загрозување на безбедноста и сигурноста на сите граѓани. Сите пријави соодветно се примаат и се документира пријавената содржина. Дополнително по доставено известување до надлежен јавен обвинител, јавниот обвинител издава наредба до меѓународниот интернет сервис провајдер за добивање на дополнителни податоци за идентификација на сторителот“, додаваат од Министерството.

 

 

Поврзани новости