Заев од Пелинце: Ве повикувам на референдумот со гордост да кажете ДА

by fokus

Премиерот, Зоран Заев, во своето обраќање на прославата во Пелинце,  ги повика граѓаните да гласаат на референдумот на 30 септември и да заокружат ДА на ливчето. Тој доби аплауз од присутните и беше поздравен со скандирање на присутните кои извиукваа „Зоки, Зоки.“

-Ве повиквуам да кажете со гордост да за да ги зграбиме можностите кои ги нуди ЕУ. Да кажеме Да за НАТО, за признаен и потврден македонски идентитет, јазик и култура. Време е Македонија да направи историја, ова е нашата шанса, одгворот треба да го дадеме заеднички. Никој нема место нас да донесе одлука – порача Заев.

Денот на референдумот, рече тој, е ден на нова историска одредница.

-Тоа е денот кога ќе донесеме одлука за нашата иднина. Секој од нас ја има шансата да ја донесе оваа одлука. Сега е моментот. Државотворните народи препознаваат вакви моменти и ја преземаат одговорноста да одлучат. Во вакви пресудни моменти не се седи дома, не се молчи не се остава друг да одлучи. Шансата треба да се зграби, историјата ги памети тие што се издигнуваат и му даваат сила на својот глас. Тие пишуваат историја. Историјата ги запишува нив. Да покажеме на 30 септември дека сме народ што си ја знае историјата, народ поучен од историјата дека нема да ги повторува нејзините трауми. Иднината е вистинскиот избор. Секој од нас е должен да ја преземе одговорноста за својата иднина. Ве повикувам да докажете дека никој не може да ве поколеба. Излезете и изберете. Гласот на народот е конечем. Уверен сум дека Македонците и сите граѓани на татковината ќе го изберат патот кој оди напред. Тргнуваме силно и никој не може да не сопре. Македонија ќе успее. Доста беше заробена држава, криминал и политичка мафија – рече премиерот и додаде дека на овој начин ќе бидат отфрлени понудите за мрак и барањата за амнестија за криминалот.

Доста е небиднина, порача Заев, ние ќе избереме иднина.

Во голем дел од своето обраќање Заев се осврна на Договорот со Грција, кој го нарече патриотски.

Договорот што го постигнавме е историски гледано најдобрата и фер шанса, влог во македонската иднина кој го расчисти патот на нашата земја за влез во ЕУ и НАТО. Стануваме членки, со договорот носиме подобар живот за сите граѓани и го чуваме богатото културно наследство. Ќе стоиме гордо под нашиот јарбол. Со договорот химна, грбот и знамето остануваат засекогаш. Договорот го потврди и заштити македонскиот идентитет. Договорот го гарантира правото да се определуваме како Македонци, нема повеќе оспорувања – рече Заев и цитираше членови од спогодбата со Грција.

-Мој народе ова се причини за патриотизам. Патриот си кога се грижиш за она што доаѓа утре. Овој договор е патриотиски, резултат е на таа грижа. Патриот си ако го сакаш најдоброто за својата земја – посочи тој.

Заев повика на обединетост.

-Најтешка глетка е да си го гледаш народот поделен. Да ги запреме поделбите внатре, со соседите и на поделбите со европското семејство. Илинден АСНОМ се за заедништво, а не за поделби. На граѓаните им е доста од поделби. Време е за храброст. Храбри сме и знаеме во секој граѓани во Македонија има по еден партизан и по еден комита. Заедно ја напишавме нашата историја, заедно ќе ја градиме нашата вековна иднина – порача тој.

 

 

Поврзани новости