Илинден има економска природа

by fokus

Пишува: Венко Глигоров

Општествата и државите што се формирале во историјата го правеле тоа исклучиво од економска природа. “Кога степенот на производните сили ќе ги надраснат производните односи – настанува револуција”. Познато Ви е ова? Од кого е? Дали е ова економија или патриотизам? Тие што се бореле за власт и тогаш и сега се борат заради подобра економија за себе но и за другите. Така правел и “миленикот” на “патриотите” – Александар Велики. Економија била во прашање со многу малку или Ич – идеали.

Успешните држави овозможуваат некаков баланс помеѓу поделбата на “бизнисот” за себе и тоа за останатите. Кај најразвиените држави е дури и обратното – бизнисот ја насочува државата. Кај нас овој баланс е голем дисбаланс. Всушност како и другите работи – кај нас е контра. Бил голтар и станува политичар. Краде. И потоа наместо да создава услови за бизнис – им го зема бизнисот на другите. Патриотизам е ова или извртена еконмија?

Кога сме веќе кај нашите револуционери … Тие исто така се ангажирале од економски побуди. “Зошто да плаќаме на Османлиската држава?”, “Дали може ние да имаме сопствена држава и давачките да одат кај нас?” – што е ова ако не е економија? Национализмот е само начин како да се изврши омеѓувањето на територијата на која ќе се воспостави државниот апарат – заедно со системот на давачки. Во модерно време ова се вика go-to-market strategy – осмислување на понуда, сегментирање и таргетирање на понуда преку расположиви или нови канали (симплифицирано кажано).

Затоа поддржувам интеграција на Македонија и формирање на сојузништва макар и да треба да ги “смениме опинците со чевли и да пиеме купечка ракија наместо домашна”. Воопшто не е лошо што тоа го правиме од економски причини. Природно е тоа. Потребно е да се јаде, да се егзистира и да се освојуваат пазари. Тоа е можно само ако се прилагодиш на надворешниот свет. Тие што не се прилагодуваат, историјата не’ учи дека изумруваат. Изумреле и држави и цели животински родови не затоа што биле слаби и мали туку затоа што не се прилагодиле на промените.

Гол патриотизам е нула. Ако не е поврзан со некакви развојни економски планови, патриотизмот не води никаде. Всушност води кон провалија. Нашите револуционери биле синови на ситни трговци кои сакале да се развиваат и унапредуваат во покрупни претприемачи. Нивен сон било да се има држава за да може тие да се покажат како политичари – и секако да го окрупнат капиталот. За жал, дел од нив наместо да бидат заедно (во сојузи) со тогашната меѓународна заедница, тие избрале да одат контра. Контра на Султанот, контра на крупниот бизнис (гемиџии и атентатори) и контра на големите сили. Too much! Другите комшии направиле кралства и се “ородиле” со западно европските семејства. Затоа сега се во многу поповолна ситуација од нас. Не треба да жалиме … Да мислиме што и како да направиме сега и да го намалиме јазот ….

Нека ни е честит Илинден и да не забораваме на економијата. Таа (треба да) ја движи Македонија и светот! Да живее економско-патриотска Македонија!

Поврзани новости