Заев: од Брисел: Недобивањето на датум ќе ги уназади реформските процеси и ќе го закочи економскиот напредок

by fokus

Европа е најдобрата мотивација за економски раст, за странски директни инвестиции и за намалување на невработеноста, порача премиерот Зоран Заев на форумот „Северна Македонија: Забрзување на реформите, забрзување на европската интеграција“, што во организација на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Центарот за европските политики, се одржа во Брисел.

Тој, на заедничката прес-конференција со заменик директорот на ЕБОР за политики и партнерство Пјер Ејлброн, истакна дека по позитивниот извештај на Европската комисија се очекува да се исполни и ветувањето на Европскиот совет од минатата година кога беше речено дека со исполнувањето на условите и завршницата на реформите во правосудството, безбедносните служби, во јавната администрација и во борбата против корупцијата, ќе следува стартот на преговорите по поглавјата во јуни оваа година.

-Европската комисија ја повтори безусловната препорака, како резултат на исполнетите услови, и Северна Македонија сега очекува и Европскиот совет да ја прифати препораката, рече Заев.

Премиерот, информираат од владината прес-служба, додаде дека извештаите за напредокот на другите земји од регионот не треба да влијаат на одлуката за нашата земја, како и дека секоја друга одлука ќе ги уназади реформските процеси и ќе го закочи економскиот напредок што го остварува земјата кој е силно поддржан од Европската банка за обнова и развој.

-За време на овој процес на европските интеграции се случија многу позитивни работи во економијата. Тоа потврди дека Европа е најдобрата мотивација за економски раст, за странски директни инвестиции, за намалување на невработеноста, за раст на продуктивноста и за индустрискиот раст. Европската комисија тоа го препозна и во висината на странските инвестиции од 625 милиони евра во 2018 година. Тоа е три пати повеќе од просекот од последните осум години. Во последниот квартал на 2018 година БДП порасна на 3,7отсто, а за првиот квартал за оваа година,  очекуваме раст поголем од четири отсто, а го стартувавме мандатот на оваа влада со негатива од 1,8 отсто, рече Заев.

Поврзани новости