Отворена нова градинка во Пробиштип

by fokus

Раниот детски развој е клучен за понатамошниот развој на секое дете. За да кажеме дека образованието во една држава е квалитетно, мора да ги имаме градинките како основа, истакна министерката за труд и социјална политика Мила Царовска на отворањето на новиот објект „Детелинка“ на градинката „Гоце Делчев“ во Пробиштип.

Цел и заложба, истакна таа, е опфатот на деца во предучилишно образование да биде  зголемен за 50 проценти. Посочи дека изминатата година се изградени 23 нови објекти, а за оваа година се издвоени 300 проценти повисок буџет за оваа намена.

Во новиот објект „Детелинка“ ќе се згрижуваат до 40 деца на возраст од две до шест години, со што капацитетите на градинката се зголемуваат од 422 на 462 деца. Новата градинка има вкупна површина од 290 квадратни метри, а за нејзина изградба и опремување МТСП издвои околу 5,7 милиони денари од сопствениот буџет.

За зголемување на капацитетите во предучилишното образование Министерството за труд и социјална политика заедно со Министерството за финансии има посебна програма со Светска банка во износ од околу 15 милиони евра и е наменета за нови градинки.

Поврзани новости