„Од регионална перспектива, повеќе пати се уверивме дека Договорот од Преспа е вистински пример за моќта на дипломатијата и дијалогот. Тоа е корисен пример за многу други отворени прашања. Како лидери на земји, поранешни и сегашни, им должиме на граѓаните да ги решаваме проблемите, да го одржуваме мирот, и да создадеме услови за развој и подобар живот за сите“ рече поранешниот премиер Зоран Заев на форумот на Економист во Атина.
Тој додаде дека за да се постигнат договори кои носат мир и стабилност потребни се верба дека проблемите можат да се решат и јасна визија, но и издржливост и упорност.
„Како и актуелните конфликти сега, и со војната во Украина, и на Косово, како и во Израел и Палестина, и Договорот од Преспа имаше за цел да го надмине минатото исполнето со недоверба и да постави основа, темели, за да градиме заедничка иднина“ рече Заев.
Поранешниот премиер додаде дека успехот во вакви потфати не е загарантиран, но, она што е најважно во вакви ситуации е да се одржува во живот волјата да се постигне решение низ дијалог и истрајност во моменти кога навидум има сосема различни видувања.