Заев: Новинарите и пратениците треба да се разгледуваат како еднакво оштетени за „27 април“

by Фокус

Не треба да има разлика во третманот меѓу пратениците и новинарите кои беа во Собранието на 27 април, вели за Фокус премиерот Зоран Заев, откако скопскиот граѓански суд почна да ги отфрла тужбите на новинарите, кои при упадот во парламентот во 2017 година беа оневозможени нормално да си ја вршат работата, а дел и физички нападнати.

-Не можам да толкувам судски пресуди, недозволиво е премиер е да се меша во судската власт. Но, како човек можам да кажам мислење дека пратениците и новинарите треба да се разгледуваат како оштетени подеднакво. Вие бевте не работа тогаш како што беа и пратениците – изјави премиерот Заев, кој беше главна цел на насилниците на „крвавиот четврток“.

Инаку, скопскиот граѓански суд веќе ги одби тужбените барања на новинарките Душица Мрѓа и Наташа Стојановска за повреда на нивните права и побарување на оштета од државата, по што од Здружението на новинари реагираа дека станува збор за срамна пресуда

„Фактот што судот не признава повреда на правото на слободата на изразување и бара од новинарите да докажат општо познати факти, дека имало упад во Собранието од страна на лица кои јавно демонстрирале на 27 април 2017 година, е тенденциозен и претставува преседан во контекст на овој случај“, велат од ЗНМ.

Од таму оценија дека небулозно е и тврдењето на судот дека новинарите немале право да бараат надомест на нематеријална штета за претрпени душевни болки, со што судот всушност не признава страв и траума доживеани од страна на присутните новинари.

В.С.

Поврзани новости