Заев: Нон-пејперите се последица на забавување на влезот во ЕУ

by fokus

Кога ЕУ кочи со сите нас, штом забавува нашиот интегративен процес, не мислам само на Северна Македонија, туку и на Србија, Црна Гора, и на БиХ и Албанија, се појавуваат некои нон-пејпери, други радикални идеи, изјави Зоран Заев во интервју за белградски Курир.

На прашањето на Курир дали е загрижен за отвореното пропагирање на „голема Албанија” во нон-пејперите, во кои се наоѓа дел од Северна Македонија, Заев одговори:

„Никогаш не можам да кажам „не” со сигурност, но тоа би било тешко во Северна Македонија бидејќи сме членка на НАТО и со секоја закана за нашата територија и интегритет, би се активирал членот 5 од Договорот со НАТО, кој би нè заштитил – сите за еден, еден за сите. Сепак, не можам да кажам конечно „не” затоа што дефинитивно не знаете до каде некој тоа може да го испровоцира. И затоа решението е секоја земја да влезе во ЕУ. Кога ќе ги постигнеме шенгенските услови, тогаш ќе нема граници”.

Заев додаде дека „ако нешто е ризично за српскиот народ, јасно дека тоа е ризик за сите нас, бидејќи сите сме поврзани”.

– Кога регионот е стабилен и безбеден, тогаш и Северна Македонија е безбедна и стабилна. А кога регионот е нестабилен и има проблеми, тогаш и ние сме нестабилни и имаме проблеми. За нас, сè што е прифатливо за Белград и Приштина е добро, решение кое ќе гарантира мир на Балканот, европска интеграција, безбедност и иднина на сите етнички заедници што живеат на таа територија – истакна тој.

Поврзани новости