ВМРО-ДПМНЕ не е во можност да формира ново парламентарно мнозинство, туку мнозинството на СДСМ и ДУИ наскоро ќе се прошири за од три до шест пратеници, најави денеска премиерот Зоран Заев коментирајќи информации што излегувале од опозицискиот табор за наводни обиди за рушење на Владата во законодавниот дом.
-Со која партија на Албанците и врз која основа ВМРО-ДПМНЕ би коалицирала за формирање ново мнозинство? Дали тоа би било врз основа на уривање на договорите со Грција и со Бугарија? Која друга партија би го прифатила тоа? Тоа се информации што се пуштаат наменски да се оттргне вниманието од дебатата дали треба да се смени раководството на ВМРО-ДПМНЕ по изборниот пораз. Но, ВМРО-ДПМНЕ нема да прави ново мнозинство, туку нашето мнозинство наскоро ќе се прошири за три до шест пратеници – порача Заев.
Сепак, тој одби да посочи конкретни имиња на пратеници кои би заминале од опозицискиот табор, нагласувајќи дека не сака да му ги расипат разговорите со нив.